Како дизајнерка која активно работи на македонската сцена, Ирина се одлучува да ги направи своите креации уникатни и возбудливи, преку нови начини на креативно изразување. Преку напорна работа и отворен ум, Тошева прави напори да обезбеди нејзините вредности да бидат претставени преку нејзиниот бизнис.
Ирина е активно вклучена во проекти чија цел е подобрување на социјалната вклученост и обезбедување подобри можности за ранливите групи. Таа тесно соработува со многу уметници и дизајнери, младински организации, невладиниот сектор и со уличното списание „Лице в лице “. Таа ги смета овие пристапи како основни за креативниот активизам.
Тошева во 2019 година ја добива наградата Млади лидери за цели за одржлив развој.
Во периодот јануари – јуни 2021 година, Македонската модна асоцијација „Концепт моден кластер“ го спроведе проектот „ОДГОВОРНА ИДНИНА “, менторски и истражувачки проект од областа на инклузија, занаети и мода, наменет за ученици со оштетен слух од Државниот училишен центар „Партение Зографски“ во Скопје.


Програмата за модно стручно образование започна под менторство на познатата дизајнерка Ирина Тошева и професорот Љубиша Савески. Програмата беше внимателно дизајнирана за младите луѓе со оштетен слух да развијат вештини за визуелизација, вештини за цртање, внимание на детали и познавање на материјали, техники за шиење, плетење и кроење, вклучувајќи маркетинг и рекламна промоција, што е од суштинско значење за кариерата во модната индустрија. Крајниот резултат од акциониот план на проектот е лимитирана колекција направена од учениците.
Образованието за одржливост отвори можности за младите луѓе да учат и да се вклучат во постоечките локални и глобални движења, како и да им помогне да ги развијат сопствените вештини и интереси за поодржлив начин на живот и дизајн. Растечкиот тренд кон рециклирана и етички дизајнирана облека не придонесува само за „позелена“ планета. Денес, образованието за одржлив дизајн може да биде значајна предност за вработување во креативната индустрија. Користејќи само стари текстилни остатоци кои подоцна беа имплементирани во финален производ во лимитираната колекција, учениците максимално го искористија потенцијалот со нула еколошки отпад.


Останувајќи доследна на својот моден етос, Ирина Тошева за својата јубилејна колекција длабоко се фокусира на културната одржливост, поминувајќи половина година во неуморно истражување, негување и афирмирање на културниот идентитет на Јуруците во земјата. Оваа заедница постои од 14. век и останува верна на своите специфични верувања. Инспирирана од овој социо-културен феномен, користејќи го својот моден јазик, дизајнерката вешто преведе одредени елементи од нивната облека во моден контекст, препознатлив по брендот и нејзината работа. Целиот пристап беше документиран во модното видео „ОЈА“.
Овој проект е дел од поддржаните проекти од национален интерес во културата за 2022 година од страна на Министерството за култура и Програмата за брзи грантови ЕУ СО ВАС.